Почна да се гради детското игралиште во Трговскиот центар

Почна изградбата на детското игралиште во Трговскиот центар во Кочани.

Игралиштето се гради на површина од 460 м2, во продолжение на плочникот на јужната страна од Трговскиот центар. Деновиве, изведувачот работи на земјените работи. Новиот терен за детска игра ќе добие модерни реквизити, гумена подна подлога, зеленило, бехатон патеки, урбана опрема и осветлување со четири парковски столба. На овој начин ќе се реши уште еден сегмент во уредувањето на најпрометниот простор во централното градско подрачје и ќе се одговори на потребите на најмладата популација во Кочани.

Трговскиот центар е петтата локација на која се гради детско игралиште. Веќе се готови игралиштата во Грдовци, на улицата „1 Мај“ во Белското Маало, во населбата Драчевик кај социјалните згради и малата инсталација спроти Ветеринарната станица, каде ќе биде поставен нов асфалтен слој на теренот пред станбените згради.

За жал, за рекордно време откако беше изградено, вандалско однесување кон новите реквизити и урбаната опрема беше регистрирано на детското игралиште во населбата Драчевик, поради што градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев упати повик за посовесно и одговорно однесување на жители од станбениот комплекс.

Паралелно со детските игралишта се уредуваат и повеќенаменските во Тркање, Грдовци и Прибачево.
Сите се градат со средства од Буџетот на Општина Кочани, а се издвоени и 3 милиони денари за реконструкција на останатите игралишта во градот и во населените места и за целосна реконструкција на детското игралиште во населбата Бавчалук.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial