Почна обуката за негуватели на стари и немоќни лица од проектот „Подвижност“

Шеснаесет избрани лица за негуватели за нега и грижа на стари лица во домот ги потпишаа договорите за обука од проектот за подобрување на социјалните услуги „Подвижност“. Во периодот од 15 јули до 10 септември 2021 година тие ќе бидат опфатени во обуката што ја спроведува здружението „Поли проект“ од Штип, по што ќе испорачуваат услуги на крајните корисници на територијата на општините Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци.

Во моментот Општина Кочани преку Општинска организација на Црвен крст како провајдер, спроведува активности од првиот подготвителен дел на проектот: работи на адаптација и опремување на простор, подготвува постапка за набавка на возило за потребите на проектот, со Центарот за социјални работи ќе ги избере корисниците на услугата – со цел да се подготви за лиценца за работа во давање на социјални услуги, грижа и нега во домот на стари и изнемоштени лица.

Со завршување на сите овие активности ќе се оформи потребниот Центар за нега во Кочани преку кој ќе се даваат услуги во домашни услови – грижа и нега на стари и немоќи лица.

Вториот дел од проектот опфаќа испорака на услугата од страна на негувателите – давање нега и грижа на стари лица во домашни услови.

Меѓуопштинскиот проект на Општина Кочани со Чешиново-Облешево и Зрновци, одобрен од Министерство за труд и социјална политика, се реализира со финансиска поддршка на Светска банка. Периодот на воспоставување на услугата трае шест месеци, додека самата испорака на услугата на терен е предвидено да трае една година, со можност за продолжување и во следните три години.

Сподели:
  •  
  •  
  •