Со свечена седница на Советот на Општина Зрновци започна овогодинешново чествување по повод патронот и заштитник на општината, „Св. Вмч. Димитриј“ – Митровден.
Во рамки на дводневното чествување, во просториите на локалната самоуправа на Општина Зрновци, во присуство на советниците од општинскиот совет, поранешни градоначалници на Зрновци и граѓани, денеска беа доделени благодарници на жители на Зрновци кои имаат дадено особен придонес во развојот на општината и пофалници на ученици од ОУ „Синиша Стоилов“.
-На сите сограѓани им го честитам патронот на општината, „Св. Вмч. Димитриј“. Ова е прилика да ја истакнеме одговорноста на советниците за решавање на проблемите на граѓаните на Зрновци, да се заблагодариме на претходните градоначалници, лица од спортот и културата и останати наши сограѓани кои во минатото оставиле блескав траг во развојот на Зрновци. На сите сограѓани од приватниот бизнис сектор безразлика на дејноста како прв човек на општината ви укажувам на безпрекорна соработка со институциите и максимална поддршка за економски развој на општината. На вработените во локалната самоуправа им посакувам да останат доследни и професионални во извршување на своите обврски и да бидат во служба на граѓаните. Апелирам до младите од Зрновци да вложуваат во себе и со тоа да придонесуваат за општеството и општината, истакна Борчо Коцев, градоначалник на Општина Зрновци.
По завршување на свечената седница на Советот, делегации од локалната самоуправа на Зрновци, Советот на општината, граѓани и други гости заеднички положија свежо цвеќе пред споменикот на „Св. Вмч. Димитриј“, на плоштадот во Зрновци.
Во рамки на чествувањето на патронот, денеска ќе се одржи празнична вечерна богослужба во храмот „Св. Вмч. Димитриј“ во Зрновци и заедничка трпеза во црковниот двор.
Програмата за одбележување на патронот на општината продолжува и утре, 8 ноември кога се слави празникот „Св. Вмч. Димитриј“, со утринско богослужение и Света Архиерејска Литургија на која ќе чиноначалствува Митрополитот Брегалнички Г-дин Иларион заедно со свештенослужители од Брегалничката епархија.
Одбележувањето на патронот ќе биде збогатено и со настап на играорни групи во црковниот двор и заедничка трпеза за верниот народ.
И. Матеничарски