Почнаа подготвителните градежни работи за поставување на подземни контејнери на пет локации во централното градско подрачје на Кочани.
Подземните контејнери ќе се постават на веќе постоечки места каде што има поставено надземни садови за отпад, и тоа кај Трговскиот центар, до Тобако „Алмо“, на големиот паркинг, кај поранешен Кармин наспроти Шопинг центарот, на паркингот кај кулата Треска и кај новиот комплекс згради позади Македонска пошта.
Фирмата изведувач на работите денес започна со ископ на локациите и подготовка за поставување на потребната подземна инсталација, при што на предвидиените места во најскоро време се очекува поставување на контејнерите.
Подземните контејнери заштедуваат простор, го подобруваат изгледот на околината и овозможуваат селектирање коешто е многу важно за натамошниот третман на отпадот. На површината ќе биде видлива стандарната, дизајнирана корпа за собирање на отпадот. Секој подземен контејнер ќе биде поставен на платформа и под површината ќе содржи четири единици, од кои две за комунален отпад и по една за хартија и за пластика. На тој начин се избегнува непријатната миризба, расфрлањето на отпадот, поместувањето и оштетувањето на контејнерите. Од друга страна, тие ќе го оневозможат фрлањето градежен шут, отпад од големи пакувања и друг кабаст материјал.
Празнењето на контејнерите ќе биде со веќе постоечките возила на комуналното претпријатие „Водовод“ , при што во нив ќе се вгради хидраулична инсталација за подигање на садовите од под земја и нивно празнење.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов