Во кругот на Територијалната противпожарна единица денеска започна пактичната обука на членовите на Доброволното противпожарно друштво во Кочани. Волонтерите-доброволци преку практични примери на симулација на пожар на отворен простор, употреба на противпожарни средства и опрема добија дел од практичната обука за интервенција за време на пожар на отворено.
-Денеска започнавме со практичниот дел од обуките на членовите на Доброволното противпожарно друштво. За почеток, обуката се состоеше од симулација на гаснење на пожар на отворен простор, при што беа употребени противпожарни возила и опрема, практична обука за поставување на водна линија, црева, разделници и кои се задачи ги имаат членовите на тимот за време на интервенција, се со цел усогласено делување кога има пожар, истакна Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друштво во Кочани.
Доброволното противпожарно друштво брои 50 членови, при што во следниот период ќе се формираат 4 интервентни тимови од по 12 доброволци со цел поефективна обука и интервенција за време на пожар.
Практичниот дел од обуката беше спроведен од страна на пожарникари-професионалци од ТППЕ- Кочани, а обуката продолжува и в петок за преостанатиот дел од членовите на доброволното друштво. Новоформираното друштво е дополнување на професионалната противпожарна единица и ќе биде обучено за справување со шумски пожари, пожари на отворен простор и на затворени објекти.
Во процес е техничко опремување на противпожарното друштво, при што од од ДПД уште еднаш ги повикаа сите заинтересирани граѓани и компании да донираат за опремување на доброволците. Донираните средства ќе се користат за обезбедување на работна облека, технички средства за интервенција и останати потребни помагала за успешна интервенција во случај на пожар.
И. Матеничарски
Фото: ДПД