Во рамки на проектот „Подвижност“ во општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево почнува реализацијата на сервисната услуга „Грижа и нега на стари лица во домот“, чиј носител е локалниот Црвен крст во соработка со Министерството за труд и социјална политика и финансиска поддршка од Светска банка.
Во подготвителната фаза на проектот беа обучени 16 невработени лица од социјален ризик кои се стекнаа со верификуван сертификат за негователи. Негователите ќе ги ги посетуваат корисниците на услугата во нивните домови и притоа ќе им обезбедуваат основна здравствена грижа и нега и ќе им помагаат во одржувањето на хигиената, набавката на храна и лекови и слични потреби.
Заинтересираните стари и изнемоштени лица од трите општини треба да поднесат соодветна здравствена и друга документација во Центарот за социјални работи во Кочани, чии стручни служби ќе го утврдат исполнувањето на потребните услови за добивање на услугата.
Пријавувањето за добивање на услугата ќе трае до крајот на јануари, а се планира од наредниот месец лиценцираните негуватели да излегуваат на терен. Корисниците ќе добиваат нега и грижа во текот на една година, а сервисната услуга за нив ќе биде бесплатна.