Почна рехабилитацијата на канализациската мрежа во Оризари – се работи на атмосферско одводнување на Кочански Дол

Во тек се градежните активности за рехабилитација на дел од канализациската мрежа во Кочани и Оризари, во чии рамки е проектот за зафаќање на атмосферски води од Кочански Дол во Оризари.

Во Оризари веќе се работи на потегот западно од коритото на Оризарска Река, каде избраниот изведувач врши ископи за поставување атмосферска канализација во должина од 445 м,  со профил од 1 000 мм.

Третманот на отпадни води во Оризари ќе се подобрува и со два нови колектора за канализација кои ќе ги заменат сегашните. Колекторот од десната страна на Оризарска Река – западниот фекален колектор ќе биде долг 660 м, а источниот – 990 м.

Во Кочани пак, од левата страна на Кочанска Река, на ул. ,,Вера Которка“, кај Машинскиот мост ќе се гради и нов цевковод за собирање отпадни води, паралелен со постојниот, со должина од 85 m.

– Потребата за реконструкција на дел од канализацискиот систем во Оризари доаѓа поради големата инфилтрација на подземна вода во двата главни колектора од двете страни на Оризарска Река. Со реконструкцијата и на канализациската мрежа во Тркање, сите фекални води ќе се поврзат со Пречистителната станица во Мојанци, ќе се решат спорните делници со несоодветна нивелација и ќе се спречи излевањето на фекалните води во Трканска Река – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

За рехабилитација на дел од канализациската мрежа во Кочани, Оризари и во Тркање се наменети околу 85 милиони денари, средства донирани од Швајцарската агенција за развој и соработка, во кои Општина Кочани учествува со 10 проценти. 

Рокот за реализација на проектот „Продолжување и дозавршување на проектот Пречистителна станица за отпадни води – Мојанци“ е до втората половина на 2022 година.

Сподели: