Почна третата фаза од проектот „Добра земјоделска практика-богат биодиверзитет“

Во Кочани се одржа третиот работен состанок на кој претставници од државните и локалните институции, од Центарот за развој на Источниот плански регион, невладини здруженија и земјоделци ги договараа можните решенија за ефикасно искористување на сламата и добивањето на финансиска поддршка за механизација за нејзина преработка.

Работната група од проектот „Добра земјоделска практика-богат биодиверзитет“ почна со подготовка на заклучоци и предлог мерки што би се вклопиле во постојните законски прописи, а чија цел е намалување и спречување на палењето на сламата и жетвените остатоци во Кочанско.

-Земјоделците се расположени и сакаат да најдат решение за овој проблем, бидејки се соочени не само со штетноста од палењето на иститите туку и со казнени мерки. Општините се соочени со големи финансиски трошоци за гасење пожари, шумарството со шумски пожари, целата држава ги трпи последиците од ова неконтролирано палење, а палиме она што може да биде драгоцен производ во локалната економија, од една страна да се реши и проблемот на земјоделците, а од друга страна и општините да го анулираат проблемот со палењето на стрништата и да го употребат овој произовод како енергенс или  како ѓубриво во своите производни капацитети, истакна  Панче Николов, експерт вклучен во проектот.

Во почетокот на ноември ќе се одржи завршниот состанок на работната група на кој ќе се утврдуваат конечните предлози што преку официјален писмен документ ќе се достават до Министерството за земјоделство и до локалната самоуправа. Тие ќе содржат мерки за субвенционирање на набавката на специјална механизација за преработка на сламата како и за вклучување во планските документи на општините што се однесуваат на решавањето на проблемот со палењето на сламата и стрништата.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: