По вчерашното невреме градот се враќа во нормала

По силното невреме проследено со  дожд, грмежи и ветер што вчеравечер го зафати Кочани, екипи на „Водовод“ и Територијалната противпожарна единица, во текот на ноќта и утринава  работат на расчистување и оспособување на улиците и поплавените објекти во градот.

Поплавени се голем број на домови, фирми, компании како и јавни институции. Најголема штета од поплавата претрпеа дуќанџиите сместени во Трговскиот центар во блокот „Б“, каде од надојдената вода уништена им е целата техника како и внатрешност на објектот.

Тие се жалат дека и покрај новоизградената атмосферска канализација како дел од реновираниот Трговски центар, целата вода понирала во нивните објекти со што претрпеле големи штети.

Штета од надојдената вода претрпеа и жителите на улицата „Глигор Апосотоловски Гочо“ во близина на ОУ „Кирил и Методиј“ Кочани. Поради обилните врнежи и нефункционалноста на атмосферската канализација поплавени биле подрумите и дворовите на куќите.

Командирот на ТППЕ Кочани Благој Паунов, информираше дека во текот на изминатава ноќ имале 13 интервенции. Најчесто ваделе вода од поплавени објекти, а интервенирале и на два пожари, предизвикани од електричен спој од врнежите.

КЈП „Водовод“ во текот на вечерта и утрово со свои екипи ги расчистуваат улиците од камења и наноси од земја. Моментално активен е проблем со канализацијата, додека водоснабдувањето на градот е во нормала, информираше Андреј Киров, директор на „Водовод“ Кочани.

Големото невреме што го зафати Кочани во делови на градот предизвика и повремени прекини во електроснабдувањето, а штетите по имотите на граѓаните и фирмите дополнително ќе се утврдуваат.

И.Матеничарски

Фото: А.Арсов

Сподели: