Во рамки на чествувањето на 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани, вечерва на свечена седница на Советот на Општина Кочани на Споменикот на слободата, беа доделени највисоките општински награди – за значајно остварување и животно дело.
Годинава наградата за животно дело, постхумно беше додоелена на културниот деец Борис Стојчев, уметник, истражувач и собирач на народни умотворби од Кочанско, основач на Околискиот народен театар во Кочани, а ја прими Светлана Стојчева, ќерка на Борис Стојчев.
Наградата за значајни остварувања за развојот на Кочани беше доделена на Благој Веселинов, актер во Македонскиот народен театар што во отуство на актерот Веселинов ја прими режисерот Илија Пиперковски.
Преку краток видео материјал присутните гости се запознаа со делото на двајцата уметници, кои дадоа несебичен придонес во промоција и афирмација на Кочани во полето на културата и уметноста.
По повод 77 години од ослободувањето на Кочани, на свеченоста беше доделена плакета на министерката за образование и наука Мила Царовска, за поддршка во реализацијата на значајни проекти од интерес на граѓаните на Општина Кочани. Плакета за врвниот професионализам и посветеност во справувањето со пожарите беше доделена на Територијалната противпожарна единица Кочани, на Ковид центарот – за професионалниот ангажман и посветеност во работата во време на пандемија, како и на „Амфенол Технолоџи Македонија“за општествено одговорна компанија.
На настанот беа доделени награди на првенците на генерацијата од основните и средни училишта од Кочани.
Благодарници за врвен професионализам и ангажман за справувањето со огнената стихија во Кочанско беа доделени на Територијални противпожарни единици од државата, Армијата на Република Македонија, државни институции, јавни претпријатија, невладини организации и поединци.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, во своето обраќање пред присутните направи пресек на реализираните проекти во изминатите четири години, со акцент на капиталните инфраструктурни проекти реализирани во општината.
На крајот на свеченоста беше прикажан филмот „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски, во кој една од улогите ја толкува актерот добитникот на наградата за значајни остварувања за развојот на Кочани, Благој Веселинов.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов