По повод христијанскиот празник Богојавление – Водици, в среда, на 19 јануари со почеток од 12 ч. на мостот кај Градскиот парк во Кочани ќе се изврши чинот на потопување на светиот крст и освета на водите на Кочанска река.
По една година пауза поради пандемијата со Ковид – 19, годинава продолжува традиционалната верска манифестација на која верниците го слават крштевањето на Исус Христос и се осветуваат водите насекаде низ светот.
Чинот на потопување на светиот крст ќе го изврши Митрополитот Брегалнички г. Иларион во сослужителство на свештеници од храмот „ Св. Вмч Георгиј“ – Кочани.
Претходно, во храмот „ Св. Вмч Георгиј“ со почеток од 08 ч. ќе биде отслужена Светата Божествена литургија по што верниците ќе се упатат на литија кон Градскиот парк. Воедно, во храмот планирано е да се спровде и традиционалната лицитација на икони од страна на верниците.
Од храмот „Св.Вмч Георгиј“ ги известуваат сите верници дека тече рокот за пријавување на лица кои сакаат да скокаат по светиот крст.
Заинтересираните верници можат да се пријават во просториите на храмот до утре, вторник, 18 јануари до 15 ч., а како услови за учество, потребно е да бидат полнолетни жители на градот Кочани, крстени во православната вера и притоа да приложат потврда од матичен лекар за нивната здравствена состојба.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов