По повод Светскиот ден на поезијата, промовирана поетската збирка „Алфа и Омега“ од м-р Славица Урмова – Марковска

По повод Светскиот ден на поезијата, 21 март, во ЈОУ Библиотека „Искра“ се одржа промоција на поетската збирка „Алфа и Омега“ од авторката м-р Славица Урмова – Марковска.

Во делото се поместени педесетина песни кои авторката ги има напишано во период од десет години и публикувано во поетската збирка за која ја има добиено наградата „Бели Мугри“за 2021 година што ја доделува доделува Домот на култура „Кочо Рацин“ од Скопје.

– Делото е составено од повеќе циклуси песни, работени во период од 10 години. Инспирацијата на напишаното доаѓа од секојдневното живеење и творештвото изминативе години. Мојата прва книга ја имам објавено во 2003 година и досега имам напишано девет поетски дела, истакна авторката Урмова – Марковска.

Делото пред кочанската публика го промовираше м-р Љупка Стојменова.

– Како библиотека „Искра“ традиционално се вклучуваме во одбележувае на 21 Март, Меѓународниот ден на поезијата. За таа цел денеска го промовираме делото, поетска збирка „Алфа и Омега“ од авторката Славица Урумова Марковска која е добитничка на наградата „Бели Мугри“ за 2021 година што ја доделува Домот на култура „Кочо Рацин“ од Скопје, истакна Кристина Ѓоргиевска Атанасова, библиотекар во „Искра“.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: