По повод 8 Март, отворена изложбата „Подари цртеж во замена за цвеќе“

По повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март, на платото пред НУЦК „Бели Мугри“ – Кочани попладнево беше отворена изложбата на цртежи со наслов „Подари цртеж во замена за цвеќе“.

Уметничките дела се изработени од страна на ученици од Училиштето за цртање и сликање при Центарот за култура,  на кои се прикажани цветни мотиви според  доживувањата на авторот.

-„Подари цртеж во замена за цвеќе“ е  проект кој  се реализира по втор пат. Целта  е по повод празникот на жената  да се подари цртеж во замена за цвеќе. Цветот е симбол како подарок за празникот на жената, но учениците со своите цртежи го прикажуваат цветот на свој начин. На некои цртежи се гледа и влијанието од ковид-19, како тие ја  доживуваат целата ситуација. Тематика е  секако 8 Март, но целта е учениците да ги подарат цртежите наместо цвеќе на свои драги личности –  истакна Александра Димитрова, стручен соработник за визуелни уметности во „Бели Мугри“.

На изложбата беа изложени дваесет цртежи кои учениците од школата за цртање ги подаруваа на присутните.

-Изложбата е инспирирана од нашите мајки, од жените во нашиот живот,  да твориме  и да цртаме за нив и наместо цвеќе, за нивниот празник да им подариме цртеж – рече Благица Стојанова, ученичка во Училиштето за цртање и сликање при „Бели Мугри“.

Со изложбата „Подари цртеж во замена за цвеќе“,  ЦК „Бели Мугри“ ја отвора предвидената програма на настани за 2021 година.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: