По 30 декември ќе се знае судбината на „Пејпер Мил“

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска при денешната работна посета на Кочани ги истакна заложбите на инспекторатот за решавање на проблемот со „Пејпар Мил“, при што најави затворање на фабриката доколку состојбите со загадувањето не се променат.

-Со последното мерење од почетокот на декември се утврди дека се надминати дозволените вредности, односно беше докажано дека котелот на пелети не може да се користи со постојниот систем за пречистување на отпадните гасови и дека мора да се преземат одредени мерки. Наместо водено отпрашување подобри резултати ќе даде вреќаст филтер, за што сме во комуникација со Министерството за животна средина коешто треба да направи прилагодување на интегрираната дозвола, а компанијата да направи инвестиција за инсталирање таков филтер. Следното мерење е закажано за 30 декември и од резултатите ќе зависи дали и понатаму „Пејпар мил” ќе може воопшто да работи, односно ако има отстапување од дозволените параметри ќе биде задолжен, наместо со пелети, да работи на метан. Ако тоа не е можно, ќе наредиме престанок на функционирањето на инсталацијата, истакна директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска.

Директорката Петровска додаде дека во зависност од резултатите, не ја исклучува можноста  инспекторатот да направи и ненајавен вонреден надзор со акрдитирана лабораторија.

Градоначалникот Илијев нагласи дека локалната самоуправа, во рамки на своите законски надлежности, презема мерки за намалување на причините за аерозагадувањето, истакнувајќи го субвенционирањето на набавката на печки на пелети и инвертер климатизери, проектот за спречување на палењето на сламата по жетвата на оризот, активностите околу палењето на  Градската депонија како и изборот на фирма која врши мерење и детектира загадувачи во општината.

Посетата на директорката на Државниот инспекторат за животна средина доаѓа по покана на градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, а повод за истата е граѓанскиот протест што се одржа викендов  пред фабриката „Пејпер Мил“.

И. Матеничарски

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial