Семејствата на настраданите лица во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ и ова саботно попладне повторно излегоа на четвртиот по ред протестен марш „Задоцнета реакција“ и пред надлежните институции побараа правда за своите деца.



Маршутата на движење и овојпат беше иста, од Паркот на револуцијата“, до Трговскиот центар и локалната самоуправа, полицијата и кочанскиот суд и обвинителство.

- Сите кои сте одговорни за системот во државата, кои мудро ја одбегнувате одговорноста за најголемата трагедија во европски рамки што се случи во Кочани. Ние родителите на починатите деца би сакале барем за миг да бидете во нашата кожа, да ја почуствувате нашата болка, можеби тогаш ќе ја почуствувате сериозноста и болната ситуација во која се наоѓаме. Дали ќе прикривавте луѓе кои се соучесници на монструмот ако убиените деца беа ваши деца? Можеби тогаш ќе сфатите дека единствената причина за која се бориме е правдата за нашите млади убиени деца. Ве потсетуваме, нема да застанеме тука, ќе се гледаме на други места, посилни. Ова е само почеток на нашата борба за прерано згаснатите животи, нивните нереализирани соништа, за навината насилно прекината младост. Правда мора да има и сите соучесници на монструмот во ова убиство мора да одговараат, соопштија родителите од Паркот на револуцијата во Кочани.


Пред локаната самоуправа на Општина Кочани каде се сместени просториите на Државниот пазарен инспекторат, семејствата порачаа дека преку мито и корупција се заборава да се контролираат нелегалните работи на разни фирми.

- Инспектори дали ви е потребна обука од наша страна за ова што е во ваша надлежност. Да ве прашаме, дали вашето столче во канцелаларијата ви е толку удобно што работата на терен ви е заборавена. Или пак ќе излезете со полни торби гардероба од споредна врата. Секој што работи ќе ви даде мито, ќе ве носат на ручеци и случајно ќе заборавите да ја контролирате нивната работа. Инспектори, кажете дали животот на нашите деца вреди повеќе од тоа што ви е дадено. Слава и на нашите непрежалени ангели, порачаа родителите пред зградата на Општина Кочани.


Маршот продолжи пред кочанската полиција каде револтираните родители побараа одговорност во постапувањето на МВР и обвинија дека според нивни сознанија дискотеката била дуво за нелегални дејствија за кои полицијата била слепа при очи.

- МВР се прашуваме ако вие не сте надлежни за нашата безбедност тогаш кој е? Имате ли доблест да си ја признаете вината за таа кобна ноќ или тоа не ве учеле кога си ги купувавте дипломите. Секогаш нашиот марш е уредно пријавен во полиција, болница и пожарна. Дали концертот на групата ДНК монструмот го пријавил таа кобна ноќ кај надлежните институции. Дали вие требаше да бидете таму по службена должност, бидејки сите знаеле за тој концерт. Со ништо тие деца не погрешиле што отишле на тој концерт. Но за жал, не знаеле како функционираат работите во дискотека, односно шталата на смртта. После таа кобна ноќ, дознаваме дека таа дискотека била дувло за многу нелегални дејствија, меѓукои продавање, купување и конзумирање дрога. Дали при сето тоа се правевте слепи и заради нечии профити дозволивте цената да ја платат нашите невини деца со нивниот прерано одземен живот. Дали не требаше да направите рација на време и воедно да ја контролирате работата на монструмот, управителот и други како и продавачот на билети, кои дозволиле да влезат трипати повеќе млади лица од дозволениот капацитет на тој објект. Затоа што сега гледаме и учиме по трагедијата што се се прикривало и случувало таму. Која е причината за вашето постоење како државен орган воопшто? Бараме правда и одговорност за овој настан од МВР за прерано згаснатите животи на нашите деца и само се ставете пет минути во наша кожа, реагираат родителите пред кочанската полиција.


На маршот родителите јавно го прашаа министерот за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност чии потписи дозволиле дискотеката да работи нелегално.

- Моето прашање директно го поставувам до министерот Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност. Кој дозволи нашите деца да ги убијат, кој потпишува документи дека нашите деца се безбедни на јавни и нејавни простори. Здравиот разум размислува што ќе потпише, а нечесниот и алчен потпишува без да се плаши пред судот Божиј. Сакаме одговор од сите надлежни институции, прашаа родителите пред кочанскиот суд и обвинителство.

Пред кочанскиод суд и обвинителство, родителите реагираа на одлуките на судот мерките затворски притвор на осомничените лица да бидат заменети со домашен притвор или други алтернативни мерки.

- Единствено што сакаме е правдата да има имиња и презимиња или се уште мислите после ова дека немате доволно докази. Дали тоа значи дека треба ние родителите да ви помогнеме или сами да си ја преземеме правдата во свои раце? Сакам да ги прашам обвинителите колку вредни еден млад човечки живот во оваа скапана држава? Дали толку се безвредни нашите деца, за да така се однесувате со притворените лица. Народски кажано, притвори – пушти, дали тие си ја плаќаат слободата? Што ако беа тоа ваши деца, правда мора да има за овие чесни деца, прашаа родителите.
Протестот заврши таму каде што почна, во Паркот на револуцијата во Кочани со најава дека истиот ќе продолжи и наредните саботи.
И. Матеничарски