Празничен пливачки маратон на Бошко Илиев на езерото Гратче

По вторпат во својата богата пливачка кариера, по повод 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани, кавадарчанецот Бошко Илиев, специјалист по спортска медицина, пливаше маратон на езерото Гратче кај Кочани.

57-годишниот Илиев, со поддршка и придружба од членовите на здружението „Кочански рибар“, во водите на Гратче пливаше час и 40-ина минути.

– Ова е мојот 118-ти маратон, досега сум испливал 536 километри само во маратон. Идејата ми е на тој начин да ги промовирам сите природни и вештачки езера во државата, но и пливањето како здрава спортска и рекреативна дисциплина и евтин спорт. На овој начин сакам да ги поттикнам младите да ги користат условите со кои располага нашата татковина и што повеќе да ги практикуваат и спортските и рекреативните пливачки активности – истакна Илиев.

Врачувајќи му благодарница на пливачкиот маратонец Илиев, градоначалникот Љупчо Папазов истакна дека со својата активност тој го збогатил празнувањето на градот.

Пливачкиот маратон на Гратче финансиски е реализиран со средства од Општина Кочани.

Сподели: