Во просториите на Одделението за внатрешни работи – Кочани (ОВР – Кочани) денеска се спроведе првата крводарителска акција за 2022 година наменета за вработените во кочанската полиција.
Во акцијата која траеше од изутрина до напладне крв даруваа 24 лица, вработени во Полициската станица – Кочани.
– Според планот за крводарување за 2022 година, во ОВР – Кочани имаме предвидено да се спроведат три крводарителски акции, во месеците март, јуни и ноември. Ова е прва крводарителска акција во оваа година. Секогаш бројката на дарувања се движи над 20 крвни единици што се покажа и денес. Се надевам дека нивната хуманост ќе продолжи годинава со тоа што ќе имаме нови колеги кои за прв пат ќе даруваат крв. Упатувам благодарност до сите колеги што даруваат крв и ги повикувам и другите колеги да ни се придружат во некоја од следните акции, истакна Сашка Стојанова, координатор за крводарување во ОВР-Кочани.
Акцијата се спроведе во соработка со Црвен крст Кочани со поддршка од екипа на Институтот за трансфузиона медицина – Скопје.
И. Матеничарски
Фотот: А. Арсов