Во рамки на „Upshift“ програмата што ја спроведува здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) тим од пет ученикка и ментор професор од кочанската гимназија „Љупчо Сантов“ добија прва награда за иновативен проект за заштеда на топлинска енергија.

Во конкуренција на пет полуфиналисти, кочанските средношколци на натпреварот презентираа најиновативно решение поврзано со енергијата, нејзино искористување и пристап до алтернативни ресурси за енергија во училиштата и го освоија првото место, пред средншколците од Кичево, Битола, Кавадарци и Радовиш и ваучер од 120 илјади денари за реализација на иновативната идеа.

Проектот е дизајниран да обезбедува 59 отсто помала потрошувачка на електрична енергија, при што преку систем од 12 топлински цевки за загревање на воздухот, ќе можат да се затоплуваат шест училници во училиштето.
Програмата „Upshift“ се реализира во средните училишта за да се поттикнат иновативни идеи кај учениците за решавање проблеми во нивната заедница, а финансиската поддршка ја обезбедуваат УНИЦЕФ, Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и Амбасадата на Шведска.

