Прво и трето место за учениците од СОУ„Љупчо Сантов“ на онлајн натпреварот за млади генијалци под наслов „Најди го херојот“

Прво и трето место за учениците од СОУ „Љупчо Сантов“ од Кочани кои учествуваа на онлајн натпреварот под наслов „Најди го херојот“.  

Станува збор за натпревар преку кој се открива талентот кај младите генијалци кои преку свои активности се натпреваруваа на тема „Визуелни уметности“. Преку учеството се идентификува херој кој решава конкретен проблем и преку својот талент ученикот вербално го објаснува.

Учениците од гимназијата „Љупчо Сантов“  се претставија преку драма, ораторство, сликање и рецитирање и го покажаа својот талент на највисоко ниво.

Поради успешноста на претставувањето сите  4-ца ученици од кочанското училиште  се пласираа во финале, а  две ученички добија награди. Работеа под менторство  на професорот и дефектолог Катерина  Димитрова.

-Во натпреварот зедовме учество со четири ученици, Јована Петрова, Пандора Манева, Оливер Стефанов и Марија Донева. Сите се пласираа во финале и имаа за задача да анализираат конкретен проблем во кој проблем ќе го откријат агресорот и ќе докажат дали проблемот ќе биде решен или не. За тоа колку се успешни говори и фактот дека Пандора Манева го осови првото место, а Јована Петрова го освои третото место, истакна Катерина Димитрова.

Пандора Манева освои прво место кое и донесе парична награда од 500 евра како и три месечен коучинг програм за развој на емоционалната интелигенција, а трето место освои ученичката Јована Петрова исто парична награда и бесплатен коучинг програм.

-Чест ми беше да учествувам во овој наптревар на кој ме пријави дефектологот на училиштето Катерина Димитрова. Во овој натпревар се потрудив многу, го добив првото место и ми беше навистина чест. Изработив видео кое го поделив на два дела. Првиот дел беше за богатите луѓе во Африка,а вториот дел за сиромашните во Африка.Целта на видеото беше да ја претставиме и да ги поттикнеме луѓето да помагаат на загрозените во светот, односно тоа се гладните деца во Африка. Инаку ние работиме и проекти преку Еразмус програмата и други вонактивности во училиштето, изјави Пандора Манева,  добитник на првата награда на натпреварот „Најди го херојот“.

Јована Петрова пак ја освои третата награда на натпреварот, учествувајки со изработка на уметничка слика на која е претставена жена од Африка.

Натпреварот започна на 2 мај  и траеше до 30 ти мај, а  истиот е во организација на EQ Excellence и програмот за развој на емоционална интелигенција и таленти „Мали и возрасни генијалци“ .

Сподели: