Во организација на Боречката федерација на Р. Македонија викендов во Радовиш се одржа Државното изборно првенство во борење за сениори на кое учествуваа осумдесетина борачи од клубови од целата држава.
Кочанскиот борач Столе Ефтимов кој од неодамна се натпреварува за БК „Балканец“ – Штип го освои првото место во категоријата до 97 килограми, борење во слободен стил. Првото место на Ефтимов му донесе влез во Македонската боречка репрезентација и пласман и учество на Европското првенство во борење 2022.
– Со мојот нов клуб БК „Балканец“ од Штип на изборното првенство се натпреварував во категоријата до 97 килограми каде го освоив првото место. Имав три борби кои ги добив со технички туш и со тоа стигнав до првото место и влез во Македонската боречка репрезентација. Следниот чекор е учество на Европското првенство во борење кое е закажано за месец април во Будимпешта, Р. Унгарија, истакна Ефтимов.
Ова е уште еден од низата успеси на младиот борач што е резултат на вложениот труд во оваа боречка дисциплина. Во следниот период, Ефтимов го очекуваат напорни тренинзи и подготовки во пресрет на закажаното Европското првенство во борење.
И. Матеничарски