Отсекот за превенција при СВР-Штип во соработка со Полициската станица Кочани кај Шумско стопанство (Варница) спроведе едукативна превентивна активност за користење на безбедносен појас во сообраќајот.
На учесниците во сообраќајот им беа поделени едукативни флаери и материјали со цел запознавање на возачите за важноста од употребата на безбедносен појас при учество во сообраќајот.
-Во нашето работење бележиме зголемување на процентот на користење на безбедносен појас од страна на возачите и совозачите, додека патниците кои се превезуваат на задните седишта, процентот е речиси нула. Затоа денешната активност ја посветуваме на сите учесници во сообраќајот, корисници на возила и автомобили , апелираме да го користат безбедносниот појас од причини што со користењето безбедносен појас ќе ги намалиме последиците од сообраќајните незгоди, а со тоа придонесуваме за безбеден сообраќај на сите учесници во сообраќајот, истакна Баже Милев, Самостоен инспектор за превенција во сообраќај при СВР-Штип.
Превентивната активност на полицијата се спроведе во пресрет на одржување на ридско-брзинската трка на „Пониква“.
И.Матеничарски