Предадена во употреба новата социјална зграда во Кочани

Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, директорот на АД за стопанисување со стамбен и деловен простор, Марјан Стефановски и градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов денеска во Кочани ја пуштија во употреба новата социјална стамбена зграда наменета за лица од социјален ризик и други ранливи категории граѓани.

Новата зграда е третта по ред изградена во населбата Драчевик која располага со 35 станови со различна квадратура, инвестиција вредна 72 милиони денари.

Премиерот Христијан Мицкоски при посетата истакна дека Владата ќе продолжи да работи на проекти за подобрување на животот на граѓаните. Приликата ја искористи и лично да додели клучеви на новите корисници на социјалните станови.

– Имав чест да доделам клучеви на едно семејство и еден корисник на два вакви социјални стана. На овој начин правиме добри работи за луѓето и ќе продолжиме како Влада да правиме добри работи. Се заблагодарувам на потпретседателот на Владата и  министерот за транспорт и врски, директорот на АД за стопанисување со стамбен и деловен простор, на градоначалникот и пратениците, останатите членови на Владата денес присутни и ќе продолжиме во насока на убави вести за граѓаните во периодот што следи. Посакувам долго користење и со среќа на новите станари на новите станови, истакна премиерот Хирстијан Мицкоски.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска при доделувањето на социјални станови во општина Кочани истакна дека и во иднина ќе продолжи ваквата поддршка и дека во моментов се гради или се довршуваат ваков тип на градби кои ќе бидат наменети за социјално ранливи категории на граѓани.

– После неколку месечна успешна работа на новиот директор на ЈП како и на неговиот тим веќе ги гледаме првите резултати. Завршена е процедурата во соработка со министерството за транспорт за распределба на социјални станови за ранливи категории на граѓани и во Кочани и во Велес. Се работи за категории на граѓани кои што навистина имаат потреба и се надевам дека ќе си најдат среќа и топол дом во истите. Би сакал на сите кои денеска ги добиваат да им посакам убави моменти во годините кои што се пред нив, секако дека ќе продолжиме да даваме ваква поддршка. Инвестицијата тука не е мала, се работи за инвестиција од 72 милиони денари, инвестиција којашто оди директно од буџетот, истакна вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Николоски.

– Денеска во Кочани ја пуштаме во употреба и ги предаваме клучевите од треттата социјална зграда. Имаме 35 станови со квадратура од 35 м2 до 45 м2. Становите се за ранливи категории, рече директорот на АД за стопанисување со стамбен и деловен простор, Марјан Стефановски.

Новата социјална зграда во Кочани е трета по ред изградена во населбата Драчевик во која ќе се вселат 35 фамилии од социјален ризик и други ранливи категории.

И. Матеничарски

Сподели: