Предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани, презентирана програмата и проектите за развој на Кочани

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата вечерва во Кочани одржаа предизборен митинг  на кој беше презентирана предизборната програма и проектите на кандидатот за градоначалник на Кочани и беа промовирани кандидатите за советници од партијата.

На митингот, кандидатот за градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов пред кочанчани ги презентираше капиталните проекти и планови за развој на градот во следните четири години.

Папазов најави низа на проекти кои ќе ги реализира за мандатот, меѓу кои како приоритетни уредување на Кочанска река по целата должина во градот, и изградба на два нови сообраќајни мостови со што комуникацијата од двете страни на реката ќе биде многу побрза и побезбедна.

-Воведуваме и регистар на загадувачи на природата (водата, почвата и воздухот) и само така добиваме вистински патоказ за тоа какви мерки треба да се дизајнираат за ефективно и системско решавање на проблемот со загадувачите. Нудиме реализирација и на бројни проекти од комуналните работи и инфраструктурата, ефикасен и интегрален пристап во планирањето на урбанизацијата со донесување на детални урбанистички планови за поквалитетен и подинамичен урбан развој, кажа Папазов.

Тој најави дека ќе се обезбедат и услови за локален економски развој.

-Ќе формираме постојан економски совет од докажани професионалци на волонтерска основа за промоција на условите за инвестирање. Ја збогатуваме и туристичката понуда преку целосна доизградба на неопходната инфраструктура на Пониква, посочи Папазов.

Кандидатот за градоначалник на Кочани рече дека ќе се води и посебна грижа за човечкиот потенцијал, за младите, за спортот, нови можности за поголемо искористување на фондовите за образовна мобилност, како и отворање на два нови клонови на детската градинка, во село Тркање и еден заеднички за селата Горни и Долни Подлог и Мојанци.

Лидерот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Кочани порача дека ова се избори на кои граѓаните освен што ќе бираат нов градоначалник и советници, одлучуват и по каква патека ќе се движи Македонија.

„Убеден сум дека на 17 октомври народот ќе им каже доста е. На 17 октомври треба да ги пратиме овие од власта на темната страна на историјата“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Ќе ви зборуваат за иднината, ќе дојдат овде и ќе ви зборат за иднината. Тие сегашноста ја уништија, а не па за иднина да зборат. Затоа иднина со СДСМ не е иднина. Тоа е иднина на статус кво. Иднината со СДСМ е иднина без проекти, без конкретни чекори, со паушални постапки и импровизации, иднина во која нивниот збор ќе вреди како досега, едно големо ништо, голема нула. Иднината со СДСМ е иднина без победи, без радости, без успеси, без разлика дали се спортски, културен, образовен, економски, развоен план. Иднина во која царува духот на малодушноста. Иднина во која власта се срами од сопствениот народ, порача Мицкоски од Кочани.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: