Предизборна трибина на СДСМ и коалицијата во Кочани

СДСМ и коалицијата „Најдоброто за нашата општина“ на трибина во Кочани ја презентираа програмата и проектите на кандидатот за градоначалник на Кочани, а воедно ги промовираа и кандидатите за советниците на коалицијата.

На платото во Градскиот трговски центар, кандидатот за градоналачник на Кочани, Николчо Илијев ги презентираше релизираните капитални проекти во досегашниот мандат, најави нови проекти, а ја искористи приликата да презентира дел од четиригодишната програма за урабан развој на Кочани.

-Реализираме капитални проекти што остануваат да говорат за нас, Кочани е шампион во финансиското работење, покажавме дека општината може да се води чесно и одговорно. За четири години изградивме нова детска градинка, во следните 4 градиме старечки дом! За 4 години во развојот на туризмот вложивме 3 милиони евра, во следните четири почнуваме да проектираме ски-центар на Царев Врв и адреналински парк на Осогово! Работиме – конечно да ги почувствувате и благодетите од нашето природно богатство – геотермалните води”, порача Илијев пред своите сограѓани.

Илијев истакна дека преку принципот за одговорно, транспарентно и отчетно работење, СДСМ обезбедила огромна предност пред противникот. Тој најави и нова коловозна лента на улицата „Стево Теодосиевски”, катна гаража, нови простори за паркирање, сообраќаен мост на Кочанска Река, пешачки и велосипедски патеки.

Носителот на советничката листа на СДСМ и коалицијата, Томе Солевски истакна дека  Советот на Кочани бил пример за цела држава како се работи за интересот на граѓаните за урбан град со урбани луѓе.

-Во мандатот што го завршивме бевме конструктивни и обединети по многу прашања од јавен интерес. Во историјата на овој совет ќе остане запаметено прогласувањето на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје, издвојувањето средства за концертно пијано, поддршката на ГФК „Осогово“, реконструкцијата на коловозот и тротоарот на „Тодосија Паунов“, ескпропријацијата на „Ленинова“, соработката со УНДП во проектот „Зајакнување на општинските совети“, во чии рамки беше обезбедена видеоопрема за Советот и беше реконструирано игралиштето во ОУ „Малина Попиванова“. Работата на Советот ќе остане запаметена по компактноста, затоа што опозицијата немаше инструменти против настојчивоста, одговорноста и посветеноста на градоначалникот и извршната локална власт. Навистина, имаше и моменти кога опозиционерите се жестеа на одредени прашања, но за политичкото ривалство и нема подобар терен од советничката говорница, истакна Солевски.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, порача дека кандидатот за градоначалник на Кочани, Николчо Илијев е најдобрата понуда за гласачите, при што додаде дека со неговата  одговорна чесна и посветена работа, работи исклучиво во интерес на граѓаните на општината. 

-Погледнете ги само патишта околу Кочани, регионалниот пат Кочани – Делчево, патот Кочани – Пониква, патот Тркање – Пишица, Крупиште – Кочани, сите главни артерии во овој дел од државата денеска личат на модерни, европски патишта кои обезбедуваат побрз, побезбеден сообраќај и подобро поврзаност на градовите од овој регион. Во Кочани изградивме и опремивме нова детска градинка за 115 деца и центар за ран детски развој во Тркање со капацитет за 40 деца, а во мандатот пред нас Кочани добива нов булеварски влез за побрз влез и излез од Градот, развојот на инфраструктурата освен на регионално, ја унапредуваме и на градско, локално ниво, таквото унапредување ќе донесе и нов мост на Кочанска река“, истакна Заев, додавајќи дека за развој на спортот, за поддршка на младите Кочани добива спортска сала, а грижата за највозрасните граѓаните се докажува со изградба и опремување на Дом за стари и изнемоштени лица, истакна Заев.

Во рамки на предизборниот караван, освен во Кочани, СДСМ и коалицијата одржаа предизборни трибини и во Зрновци и Чешиново-Облешево.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: