Деновиве, во организација на НАЛАС, на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, во рамките на Состанокот на работната група за дигитализација, која работеше на тема: „Подобрување на дигиталната трансформација на локално ниво, владите во Западен Балкан и Југоисточна Европа преку соработка и партнерство“, претставници од Општина Кочани и Македонски телеком ги презентираа резултатите од тестирањето на паметните уреди за мерење и управување на дел од јавното осветлување во Кочани.
Резултатите од тестирањата во Кочани беа претставени како дел од најдобрите практики во дигиталната технологија, трансформација и иницијативи за паметни градови – теми кои беа опфатени на состанокот на работната група.
Проектот „Паметно мерење и управување на енергијата во системот за јавно осветлување во Кочани“, опфаќа надградба на постојните улични кабинети преку кои се вклучува група светилки со паметна и енергетска опрема, заради подобрување на работењето и управувањето на уличното осветлување во Кочани, заштеда и поефикасно искористување на електричната енергија.
Овој проект кој е поддржан од проектот ЕУ за енергетска транзиција: Пакт на градоначалници во Западен Балкан и Турција, финансиран од Европската Унија и Германското федерално министерство за економска соработка и развој, претставува чекор напред кон модернизацијата и управувањето со енергијата во системот за јавно осветлување во Кочани.