Во просториите на основното училиште „Никола Карев“ – Кочани денеска беше презентиран идејниот проект за уредување на училишниот двор на воспитно – образовната институција.
Станува збор за проект изработен од поранешен ученик во основното училиште, презентиран во 3Д видео запис, во кој се опфатени целосно уредување на училишниот двор со спортски терени, детско игралиште, зеленило и хортикултурно уредување.
– Денес направивме презентација во основното училиште „Никола Карев“, 3Д проект со урбанистички план во кој се опфатени зеленило, игралишта, паркинг и зеленило. Се надевам дека овој проект ќе послужи во иднина да се реализира барем дел од него – истакна проектантот Дарко Арсов.
Идејата е проектот да послужи како водилка во иднина дел од планираното да се реализира и со тоа да се добие една целина на целиот надворешен простор на училишната зграда.
– Проектот е изготвен од наш поранешен ученик кој имаше визија и идеја за тоа како би изгледал надворешниот изглед на учииштето. Изработено е 3Д видео за тоа како би изгедало училиштето. Идејата е преку општествено одговорни фирми и компании, локалната самоуправа и Министерството за образование и наука да се обидеме да обезбедиме средства за реализација на истиот. Проектот е обемен, но тој е водилка не само за сегашното туку и за идни раководства на училиштето да се прават напори за целосна реализација на истиот – истакна Александар Андов, директор на ООУ „Никола Карев“.
И. Матеничарки
Фото: А. Арсов