По повод одбележување на месецот на машкото здравје – Ноември, Ротари клубот „Кочани – Виница“ организираше донаторска претстава и предавање за ментално здравје во Мултикултурниот центар во Кочани.

Пред публиката во Кочани беше прикажана театарската претстава ЈЗУ „Европа“ во изведба на Штипскиот театар и актерите Елена Шорова Дербов, Владимир Тулиев и Миле Вратеовски, а во режија на Кристина Атанасова Арсова.

– Денешната театарска претстава е дел од одбележувањето на месец Ноември – месец на машкото здравје. Ротари клубот „Кочани – Виница“ традиционално го одбележува овој месец. Годинава го надоградивме одбележувањето во соработка со Општина Кочани и организиравме театарска претстава. Гости во Кочани вечерва е театарот од Штип со комедијата ЈЗУ „Европа“. Настанот е надограден со предавање за менталното здравје од Д-р Дарко Иванов – истакна Сашко Андонов, претседател на Ротари клуб „Кочани – Виница“.
Во рамки на настанот беше одржано и едукативно предавање од страна на Д-р Дарко Иванов, психијатар од Центарот за ментално здравје – Кочани.

– Целта е унапредување и подигање на свеста за зачувуање на машкото здравје. Во последниот период се бележи раст на лица со ментални заболувања. Поради ова апелираме до машкат популација навремено да побараат стручна помош со цел превенција од поголемо нарушување на менталното здравје. Според статистиката зголемен е бројот на лица од машки пол со нервни растројства и анксиозност во државата – истакна Д-р Дарко Иванов, доктор психијатар.
