Преку Еразмус + проектот воведен иновативен софтвер за учење во СОУ „Љупчо Сантов“

Во рамките на Еразмус + проектот АР ЕДУ започнува практичниот дел, односно имплементацијата на иновативниот софтвер за учење и испитување на знаењата на учениците во кој е вклучено СОУ „Љупчо Сантов“. Финалното  тестирање на изготвениот едукативен модул во проширена реалност завршува со што ќе се овозможат сите предуслови за организација на натпреварот. Овој едукативен софтвер кој работи во т.н. проширена реалност е составен од апликативен дел и база со прашања и одговори, која содржи 400 прашања и 1600 можни одговори по наставните предмети Математика, Физика, Хемија, Биологија и Географија.

Тимови од ученици (секој составен од по три членови), од СОУ „Љупчо Сантов“, како и од проектните партнери – средни училишта од градот Пазарџик (Р.Бугарија) и градот Лудбрег (Р.Хрватска) ќе учествуваат на транснационалниот натпревар кој истовремено ќе се одржува во трите држави.

Натпреварот ќе се одржува во четири последователни викенди и членовите на најдобриот тим од секоја држава ќе присуствува на завршниот настан од проектот кој ќе се спроведува во месец октомври.

-За оваа намена ние  учениците ќе употребуваме апликација за мобилен телефон и преку откривање на локациите и давање на одговори на прашањата кои софтверот ги генерира по случаен избор ќе добиваме  поени, според тоа дали бираме  точниот одговор од четирите понудени на секое од прашањата како и според  времето за кое го даваме  својот одговор. Со овој проект, наставата се пренесува надвор од границите на училницата и секако претставува за нас учениците посебно интересен настан, во кој се комбинираат наставните содржини и најновата технологија, рече Јована Петрова, учесник во проектот.

Сите тимови кои учествуваат во натпреварот се посебно мотивирани да покажат солидно познавање на содржините од сите наставни предмети кои се вклучени во натпреварот. Координатор на проектот е професорката Весна Кушевска, а во него учествуваат и други професори ментори кои работат со учениците.

Фото: А. Арсов

Сподели: