Преку ноќ снема 15 садници туја на влезот во Кочани

Непознати лица во текот на ноќта откорнале и украле 15 садници туја, од зелениот појас на улицата „Димитар Влахов“ на влезот во Кочани, засадени во пролетната акција за озеленување на јавните површини во градот.

„Новиот дрворед на локалитетот Зелен појас е намален за 15 садници. Направената штета не се пресметува само во сумата по која се набавени садниците и работата за садење и одгледување. Штетата е во неможноста воздухот да се збогати со кислород, да биде почист, тоа е штета што ќе ја трпат идните генерации!

Стоп за нечовечноста и уништувањето на зелената маса! Општина Кочани ја пријави кражбата на новите садници во полиција, стои во реакцијата на Општина Кочани.

Ова не е прв пат новозасадени садници да бидат мета на крадци и вандали. Пред неполн месец уништени беа дел од новозасадените багреми во населбата Усова Чешма, а крадци не ги поштедија ни дрвцата засадени пролетва во жардиниерите на булеварот „Тодосија Паунов“.

И. Матеничарски

Сподели: