Преку оро и музика членовите на ансамблот „Митко Алексов“ ја претставија селската и градска македонска традиција

Заврши снимањето на двата видео записи на Ансамблот за традиционална музика и игра „Митко Алексов“ од Кочани, наменети за Меѓународниот фолклорен фестивал „Истибанско здравоживо“ што годинава е јубилеен, а ќе се одржи онлајн.

Членовите на ансамблот на чело со раководителите Ристе Ѓорѓиев и Ана Николова одлучија да снимат два различни видео записи преку нив претставувајќи ја селската и градската традиција на Македонија. Повозрасните членови на ансамблот снимија градско оро од град Битола под назив „Пештрев“ во староградска носија, а се снимаше кај стара архитектура, кај Крушарското маало и пред Етно куќата во Кочани.

Членовите од големата група на ансамблот пак го снимија „Потрчулка“ соборско оро од етничкиот предел на Овче поле, а беа облечени во карактеристични носии од тој крај. Материјалот го снимија во дворот и внатрешноста на  храмот „Св. Вмч. Ѓорѓи“ во Кочани. Целиот материјал се снимаше и со дрон од страна на „Sygnius Production & Media“ во изведба на оркестарот на ансламблот „Митко Алексов“.

Снимените материјали ќе бидат испратени до раководниот кадар на ФА „Китка“ кој е организатор на фестивалот заради одржување на истиот. Поради пандемијата со КОВИД 19 Истибанско здравоживо ќе се одржи онлајн поради  што, директорот на фестивалот Стојко Митковски  ги информираше ансамблите од Македонија и  голем број земји од светот  дека треба да испратат неколку минутно видео со настап.

Фестивалот ќе се одржи од 11 до 17 септември онлајн, а  досега има голема заинтересираност  за учество , вели раководителот Митковски кој истакна дека ова издание е посебно бидејки  е јубилејно и се одбележуваат два значајни јубилеи 45 години од формирањето  на ФА „Китка“  од Истибања и 35 то издание на  МФФ „Истибанско здравоживо“.

Инаку Ансамблот за традиционална музика и игра „Митко Алексов“ од Кочани започна да функционира од почетокот на годината и веќе се планирани одредени турнеи и настапи во земјава и сранство, но реализацијата ќе зависи од состојбата со пандемијата со КОВИД 19.

Social media & sharing icons powered by UltimatelySocial