По повод одбележување на „Неделата на детето“, ЈОУ Библиотека „Искра“ во соработка со ДГ „Павлина Велјанова “ од Кочани, традиционално петти пат по ред ја реализираа програмата „Книгата патува во домот на секое дете“.
Во рамки на одбележувањето претставници на Библиотеката „Искра“’ денеска ги посетија петте клона на детската градинка, при што на осумдесет дечињата од големата возрасна група им подарија сликовници со различни тематики од воспитно-образовниот процес.
-Цел на програмата е да се поттикнат најмладите да ја развиваат љубовта кон читањето и книгите уште од најмала возраст, тргнувајки од бројните истражувања и сознанија дека читањето уште од најмала возраст влијае на когнитивниот и емоционалниот развој, исто така ја поттикнува фантазијата и љубопитноста на околината кај најмладите, а влијае и на развој на креативноста.
Денеска беа посетени сите пет објекти на ДГ „Павлина Велјанова“ беа доставени сликовници кои ги обезбеди библиотека „Искра“ до секој учесник во програмата, тоа се 80 деца којшто се дел од воспитно-образовниот процес на големите групи на градинката, истите со радост ги прифатија, ќе ги носат во своите домови и имаат можност заеднички да ги читаат со родителите, да разговараат за мотивите коишто се разработуваат во истите како што се другарството, трудољубивоста, почитување на другиот и импресиите од истите ќе можат да ги претстават на цртеж,истакна Магдалена Кочовска Салтирова, координатор на програмата „Книгата патува во домот на секое дете“.
Во рамки на програмата предвидена е изложба на цртежите кои ќе бидат насликани од децата, а истите ќе бидат изложени во библиотеката „Искра“.
Неделата на детето се одбележува секоја година во периодот од 5-ти до 11-ти октомври како начин на афирмирање на детските права, правото на заштита, пред се правото на образование и активна вклученост на најмладите во креирањето на културниот живот на заедницата.
И.Матеничарски
Фото: А.Арсов