1.657 лица од Кочани и околните населени места ги искористија услугите на проектот „Мобилен сервис за грижа во домашни услови“ , во периодот од 15 септември 2018 година до декември годинава.
Преку проектот на мобилна здравствена услуга опфатени се пацеинти со хронични и кардиоваскуларни болести, дијабет, корисници на социјална и парична помош, постари лица кои се потешко подвижни, како и лица од рурални средини.
Според Лидија Ефтимова, координаторка на проектот во Кочани, на 33 домаќинства со индикации за социјален ризик сиромаштија се обезбедени пакети со храна и средства за хигиена, а за 10 домаќинства е обезбедена и облека. Кај девет домаќинства кај кои е утврден социјален ризик, преку Планот за еднакви можност на жените и мажите од Општина Кочани е обезбедена финансискиска помош од 6 илјади денари.
Мобилниот сервис за домашна посета овозможува информираност и јакнење на здравствената свест кај населението, здравствена заштита на лица кои немале матичен лекар, здравствени услуги на пациенти од рурални средини, а нуди и олеснување на матичните лекари за ризичните групи пациенти, како и за пациентите кои често не одат на лекар.
Носители на проектот се министерствата за здравство и за труд и социјална политика, партнер е Општина Кочани, а финансиската поддршка е на УНДП.