Преку симулација на повреди и укажување прва помош Црвен крст Кочани го одбележа Светскиот ден на првата помош

Под мотото „Биди херој во твоето училиште и заедница“, а во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на првата помош, обучени волонтери од Црвен крст Кочани во Градскиот парк демонстрираа техники на укажување прва помош на случајните минувачи и заинтересирани граѓани.

На поставениот пункт, волонтерите на симулирани повреди прикажаа животоспасувачки техники на различни видови повреди, со цел да се подигне свеста кај населението за значењето на првата помош како вештина која спасува живот.

-Во месец септември го одбележуваме Светскиот ден на првата помош. Денеска во Градскиот парк наши млади волонтери кои се обучени за прва помош демонстрираа техники за давање и укажување на прва помош на различни повреди. Имаме симулирани повреди од различен тип, белодобрно оживување, крварење од нос, од рана, угриз од куче, така што на случајните минувачи и заинтересирани граѓани им објаснуваме и практично покажување на техниките за давање на прва помош. Црвениот крст редовно работи на активности за едукација на населението во делот на првата помош, а оваа година ставаме акцент на младинците, истакна Анета Коцева, секретар на Црвен крст Кочани.

Во рамки на активностите за одбележување на Светскиот ден на првата помош, Црвен крст на Репулбика Македонија денеска на 28 локации во државата преку промотивни штандови и симулации ја промовира важноста на првата помош како животоспасувачка техника и директна едукација на населението за укажување на прва помош.

Промотивните штандови се дел од низата активности на Националното друштво во текот на месец септември во насока на афирмација на првата помош.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: