Преку симулација на пожар во СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани и евакуација на учениците и наставниот кадар, кочанската гимназија во соработка со надлежни институции ја спроведе планираната тактичко-показна вежба за спасување и евакуација во случај на пожар.
Според претходно утврдено сценарио за настанат пожар во училишен кабинет, според планот за евакуација ученците и вработените ја напуштија училишната зграда при што интервенираа пожарникарите кои симулираа гаснење на пожар и евакуација на повредено лице од настанатата непогода.
-Тактичко показната вежба е активност во рамки на годишната програма на училиштето преку која се врши симулација и евакуација на учениците и вработените во СОУ „Љупло Сантов“. Според сценариото, на денешната вежба беше прикажана евакуација по настанат пожар во лабораторискиот кабинет и повреда на ученик при што се изврши евакуација од источна и западна страна на училиштето. Во комуникација со ТППЕ-Кочани, пожарникари интервенираа со гаснење на пожарот и евакуирање на ученикот што беше повреден, истакна Игор Христов, директор на СОУ „Љупчо Сантов“.
Во симулациската вежба учество зедоа и волонтери од Црвен крст Кочани кои интервенираа во укажување на прва помош на повреден ученик од настанатиот пожар.
-Денешната тактичко-показна вежба беше со замислено сценарио поради настанат пожар, евакуирање на учениците и наставниот кадар при што беше изнесено повредено лице кое го преземаа волонтерите од Црвениот крст. Симулациската вежба е една од неколкуте предвидени вежби кои ќе се реализираат до крајот на годината, рече Благој Паунов, командир на ТППЕ-Кочани.
Спроведувањето на тактичко-показни вежби е законска обврска за училиштата. Вежбата имаше за цел да го подигне нивото на подготвеност на персоналот во училиштето и надлежните институции, за во случај на реална ситуација навремено и правилно да се интервенира и пружи помош. Воедно, преку вежбата се утврдуваат недостатоци кои можат да се јават при интервенција и евакуација во случаи на реални интервенции за време на непогода.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов