Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев на средба со новинарите ја истакна сериозноста на ситуацијата предизвикана од ширењето на коронавирусот и повика граѓаните најстрого да се придржуваат кон правилата за однесување во оваа вонредна состојба.
–За наша среќа, во нашата општина сѐ уште нема регистрирано инфицирани лица со коронавирусот, состојба што радува, но истовремено и обврзува сите ние доследно да ги почитуваме сите мерки и препораки и да дадеме свој личен придонес во спречување на ширењето на коронавирусот. Во општина Кочани досега има во самоизолација 148 лица коишто се дојдени од средно и високоризичните земји. Апелирам доследно да ги почитуваат пропишаните препораки задолжително и да се пријават кај надлежните институции и да се самоизолираат со цел да го спречиме ширењето на заразниот вирус и несаканите последици – повика градоначалникот Илијев.
Градоначалникот потсети дека мерките и препораките од надлежните институции секојдневно се прошируваат, меѓу кои е и полицискиот час. Илијев истакна дека почитувањето на секоја мерка е круцијално за животот на секој поединец, а потсети и на заклучоците од Општинскиот кризен штаб.
–Повикувам сите кафемати привремено да бидат затворени. Да нема собирање по маалските продавници во населените места и во градот. Подготвуваме распоред за работата на зелените пазари и на тезгите на нив. Територијалната противпожарна единицаги дезинфицира влезовите на зградите и лифтовите. КЈП „Водовод“ врши редовна дезинфекција на улиците и на местата за одлагање на отпадот. Наредната седница на Советот ќе се одржи во услови како што се налага настанатата состојба – соопшти Илијев.
Градоначалникот го посочи значењето на проверените информации и во периодот што ни претстои и ги повика медиумите да продолжат да помагаат со своето одговорно и професионално известување.
На крајот на прес-конференцијата, Илијев упати порака:
–Се справуваме со пандемија од коронавирусот и тоа од нас бара крајна одговорност, посветеност и внимателност. Одговорност има секој поединец. Затоа во овој период најважно од сѐ е секој граѓанин целосно да ги почитува мерките, препораките и задолженијата од Владата, Министерството за здравство и Светската здравствена организација. На тој начин сите го даваме придонесот за заштита на најважното – здравјето.Да бидеме одговорни, да се почитуваме, да се чуваме. Секој живот е важен – секој човек е важен!Да се грижиме за јавното здравје и да се однесуваме одговорно – повика градоначалникот на Општина Кочани.