Прес на Илијев: Во образованието вложивме 140 милиони денари – тоа е инвестиција во иднината


Прес-конференција на кандидатот за градоначалник на Општина Кочани од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Николчо Илијев
06.10.2021 г.

Почитувани сограѓани,

Ако пред четири години училиштата тонеа во милионски долгови и беа забранувани за работа од санитарната инспекција, денес говориме за сосема поинаква состојба во оваа суштинска сфера од општественото живеење.

Водени од мотото дека вложувањата во образованието се наjвредната инвестиција во иднината, за 4 години вративме долг од 44 милиони денари, а за подобрување на училиштата наменивме 140 милиони денари. Денес имаме одлична финансиска стабилност на образовните институции!

Работевме на создавање услови за нормално одвивање на образовниот процес и во услови на пандемија.
Од руинирани – училишните згради ги претворивме во современи објекти со подновени училници, дидактички помагала, уредени и озеленети дворови, спортски терени во функција и на учениците и на граѓаните, училници на отворено, енергетски ефикасни фасади, фотонапонски централи. Таква преобразба на училишните установи одамна не се памети!

Денес во средните училишта имаме дуални паралелки според барањата на стопанството и нова насока за изучување традиционални инструменти во Музичкото училиште.
Со оваа пракса ќе продолжиме и понатаму сѐ со цел да овозможиме нашите училишта да бидат на ниво на исполнување на задачата за која се основани, а тоа е добар образовен процес.

Нашите заложби се да ги следиме потребите на учениците и на наставниците, да ги подобриме состојбите во сите централни и подрачни училишта и да испратиме порака за важната улога на наставниот кадар во воспитно-образовниот процес – затоа што младите се најголемата движечка сила!

Така се работи одговорно, посветено и чесно! Така се мисли на иднината!
Тоа му треба на Кочани, затоа продолжуваме со такво темпо и понатаму.
Кочани го заслужува најдоброто!

Ви благодарам!
Николчо Илијев,
Кандидат за градоначалник
од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“

Сподели: