Локалната самоуправа на Општина Кочани организираше средба со претставници на градежни и проектантски фирми како и претставници на слични дејности од општината со цел запознавање и споделување искуства и проблеми со кои се соочуваат во нивното работење.
На средбата присуствуваше и градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов и претставници од Секторите за урбанизам и уредување и располагање со градежно земјиште при Општина Кочани.
-Ние како Општина и како Инспекциски служби, урбанизам и сите други служби сме на страната на градежните компании, проектантски фирми и граѓаните и сакаме да им излеземе во пресрет на нивните проблеми. Нашата работа зависи исклучиво од нивното работење и инвестирање, па поради тоа на денешната средба сакаме да ги слушнеме исклучиво нивните проблеми и потешкотии. Светската криза особено го погоди градежниот сектор и изминативе две години забележливо е дека помалку се инвестира во градба, а проблем има и со недостатокот на инженери, мајстори и останати работници, истакна Николчо Гоцев, градежен инспектор во Општина Кочани.
Претставниците на проектантските фирми истакнаа дека најголем дел од проблемите со кои се соочуваат се во делот на урбанистичкото планирање, особено во селските средини каде старите урбанистички планови ги ограничуваат во планирањето и изведбата на проекти.
Градоначалникот на општина Кочани, Љупчо Папазов истакна дека во локалната самоуправа има недостаток на градежни инженери, при што најави пополнување на испразнетите места во неколу сектори. Со вработувањето нови инженери треба да се подобри урбанистичкото планирање и работењето на Секторите за урбанизам и уредување и располагање со градежното земјиште.
И. Матеничарски