Претставници на Иницијативата за чист воздух во Кочани денеска остварија средба со заменик-министерката за животна средина, Христина Оџаклиеска и в.д директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски.
На средбата што се одржа во поранешната сала на Советот на Општина Кочани, беше разговарано за моменталните активности на Иницијативата за чист воздух насочени кон фабриката за хартија „Пејпар Мил“, како и конкретни барања до надлежните институции во врска со проблемот со загадувањето на воздухот.
Од Иницијативата за чист воздух беше нагласено дека барањата на граѓаните кон институциите се да запре со работа котелот на пелети во фабриката „Пејпар Мил“, односно преминување на работа на метан, поставување на филтер за спречување на миризба, континуирани мерења на издувните гасови од оџакот на фабриката и нивно објавување на официјалната веб-страница на „Пејпар Мил“. Меѓу другото беше побарано „Пејпар Мил“ во најскоро време да ја инсталира станицата за пречистување на отпадните води и редовно чистење на лагуните, активност која е во тек на реализација, а до тогаш да се забрани работа на фабриката.
Од страна на директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковки беше истакнато дека последните мерења, во декември и јануари спроведени од инспекторатот покажале дека „Пејпар Мил“ работи според добиената дозвола. Односно, емисии на количество на прав во димните гасови во воздухот биле во опсег од 36 до 120 микрограми на метар кубен, додека „Пејпар Мил“ според А интегрираната дозволата може да испушта гасови во количина до 150 микрограми. За месец февруари е предвидено уште едно мерење на емисиите на димни гасови.
Согласно тоа, од Иницијативата за чист воздух исатакнаа дека ќе биде поднесено барање до Министерството за животна средина за ревидирање на А интегрираната дозвола, од причина што законски дозволената граница на емисии на гасови е 50 микрограми на метар кубен, додека во дозволата на „Пејпар Мил“ граничната вредност е 150.
– Во периодот што следи, потребно е да се преземат мерки и институционално да се реши проблемот. Сите субјекти коишто имаат надлежности по решавање на ова прашање очекувам да постапат и да има посакуван резултат, истакна заменик-министерката за животна средина, Христина Оџаклиеска.
Од Иницијативата за чист воздух во Кочани најавија дека следната недела ќе се организира граѓанска трибина за утврдување на приоритетните барања на граѓаните.
За в сабота, 5 март веќе е најавен масовен граѓански протест пред фарбиката за хартија „Пејпар Мил“. Оттаму уште еднаш истакнаа дека тие не се за затворање на фабриката, туку првенствено промена на горивото кое го користат во работењето и почитување на прописите од интегрираната дозвола во делот на отпадните води.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов