Осумдесет и едногодишниот Т.В од виничкото село Лески, се здобил со изгореници во пределот на нозете и грбот, откако претходно запалил стрниште.
Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, старецот вчера околу 15:00 часот бил примен во Итната медицинска помош во Виница, со изгореници од висок степен. По укажаната помош, а поради сериозноста на повредите, лицето е препратено на лекување на Клиниките во Скопје.
Проблемот со палењето на стрништа е присутен и во Кочани. Претходниот период граѓаните реагираа на несовесното палење на Кочанското поле од земјоделците, но и од неажурноста на институциите во спроведување на законот.
За овој проблем, Општина Кочани понуди решение со кое сламата од стрништата ќе ја собира КЈП „Водовод“ за потребите на пречистителната станица во село Мојанци, но засега ваквата идеја не ги постигна посакуваните резултати.
Настанот во Виница е пример за сериозноста на проблемот, но и предупредување до земјоделците и надлежните за штетите што можат да настанат по сигурноста и здравјето на луѓето.
И.Матеничарски