Продолжуваат кражбите во Кочани, полицијата вчера привела две лица при обид за тешка кражба во Усова Чешма

Никако да стивнат разбојничките кражби во населбите Трајаново Трло, Усова Чешма и Шатровиќ.

Жителите на Усова Чешма преку писмено соопштение до медиумите алармираа дека добро организирана криминална група продолжува да ги тероризира жителите на трите кочански населби.

Како што велат, вчера две малолетни лица биле затечени во провала во куќа во Усова Чешма. За среќа крадците биле фатени на лице место и предадени на полицијата.

Од Секторот за внатрешни работи – Штип за интернет-порталот „Гласно“ делумно го потврдија настанот при што додадоа дека полициски службеници од Полициската станица Кочани ги лишиле од слобода А.В.(26) од Кочани и 15 – годишен малолетник. Лицата биле  затекнати при вршење на кривично дело „тешка кражба“ во обид од плац на ул.„Македонска“ во Кочани.

Во писменото соопштение на жителите од Усова Чешма стои дека наводно само неколку часа по кражбата во Усова Чешма, малолетни лица краделе и во Трајаново Трло. Малолетниците биле фатени од сопственикот на имотот и предадени на полицијата.  За овој настан од СВР – Штип информираа дека не е регистриран во нивната евиденција.

Жителите на Усова Чешма уште еднаш ги повикаа надлежните да ги преземат сите потребни мерки за да се стави ред во населбата. Во спротивно како што велат, ќе бидат приморани да го искажат своето незадоволство преку народен и масовен мирен протест низ улиците во Кочани.

Во врска со настаните кои деновиве се сличија во Трајаново Трло како и видео материјалите кои кружат по социјалните мрежи, СВР – Штип и Одделението за внатрешни работи – Кочани преземаат интензивни активности за расчистување на немилите настани.

Од полицијата денеска информираа дека е поднесена кривична пријава против Д.Д(29), Н.С.(55), М.В.(31), С.С.(27), С.Д.(46), Р.Р.(31) и М.П.(34) сите од Кочани, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „насилство врз дете“. Кривичната пријава доаѓа по објавеното видео на социјалние мрежи каде се гледа како група на лица физички напаѓаат малолетник. Приватна тужба најавија и од Здружението на правници роми од Скопје.

Полицијата засега нема поднесено кривична пријава за лицата кои во неделата вечерта со секири и тврди предмети нападнаа жители на населбата Трајаново Трло. Последната информација е дека ОВР Кочани презема мерки и за расчистување на инцидентот. Во координација со ОЈО Кочани досега биле приведени А.Н. , Н.Н. и А.В., а извршен бил службен разговор и  со 20 други лица при што  по целосно расчистување и документирање на настаните ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Во врска со видео што се споделува на социјалните мрежи, а на кое се гледа како лице со пиштол и нож упатува сериозни закани, СВР Штип информираше дека лицето е идентификувано. Станува збор за А.И.(36) од Кочани, татко на детето врз врз кое беше извршено насилство од страна на повеќе лица.

Од преземените оперативни мерки дојдено е до сознание дека А.И. не е на територијата на Република Северна Македонија и се преземаат мерки и активности за негово обезбедување.За настанот бил запознаен Јавен обвинител и се работи на писмено документирање, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: