Продолжуваат протестите пред „Пејпар Мил“, за 5 март закажан голем граѓански протест

Под мотото „Кочани сака чист воздух, придружи се и ти“ на 5 март (сабота) со почеток од 12:05 ч. пред влезната капија на фабриката за хартија „Пејпар Мил“ ќе се одржи граѓански протест за чист воздух во Кочани. На протестот кој е петти по ред пред фабриката, граѓаните првенствено ќе побараат од менаџментот на фабриката за хартија во своето работење да користи поеколошки енергенс како што е метанот, наместо пелети.

Иницијативната група граѓани за борба против аерозагадувањето на Кочани, преку протестот ќе упатат и апел до надлежните институции за поголема контрола на загадувачите во градот и преземање на конкретни чекори во борба против загадувањето на амбиенталниот воздух, водата и почвата.

Во текот на следната седмица според планираното ќе се одржи Јавна дебата на која ќе бидат поканети претставници од Министерството за животна средина, надлежните инспекторати, локалната самоуправа и граѓанството.

„Целта е преку сеопфатна граѓанска дискусија на дебатата да бидат дефинирани конкретните барања кои ќе бидат доставени до менаџментот на фарбиката, меѓу кои наместо пелети фабриката во работењето да користи метан, како и контрола на испуштањето на отпадни води од фабриката“, соопштија од Иницијативната група на граѓани за чист воздух во Кочани.

Воедно, секојдневните протести пред фабриката за хартија „Пејпар Мил“ продолжуваат и оваа седмица. Граѓаните протестираат од понеделник до петок во периодот од 16 ч. до 18 ч. пред влезот на фабриката во Кочани.

И. Матеничарски

Фото: A. Арсов

Сподели: