Продолжуват проектните активности за развивање на стратегија за спречување на рано напуштање на основното образование на децата роми

Продолжуваат активностите во рамки на проектот на Еразмус + програмата наменет за воспоставување на мониторинг систем за рано напуштање на децата роми од основното образование.

Во текот на минатата недела, претставници на ОУ „Малина Попиванова“ и невладината ромска организација „Авена“ учествуваа на координативна средба во градот Сливен во Р. Бугарија, за размена на идеи и искуства помеѓу наставниците од училиштата. Притоа на средбата, учесниците развиваа идеи и стратегии за активно вклучување на децата роми во образованието и нивно задржување во процесот на школување.

-Ги продолжуваме активностите од проектот за раното напуштање на учениците роми од основното образование. Пред една недела бевме во градот Сливен, Р. Бугарија каде во соработка со партнерските училишта од Р. Грција и Р. Бугарија разработивме стратегија преку споделување искуства за превентивно делување во насока на спречување на напуштање на учениците роми од основното образование, рече Благој Петров, директор на ООУ „Малина Попиванова“.

Проектот „Воспоставување на мониторинг систем за раното напуштање на децата роми од основното образование“, е Еразмус + проект кој трае две години и се спроведува  во соработка со училишта и невладини организации од трите држави.

-Организацијата „Авена“ е партнерска организација  во проектот за рано напуштање на децата роми од основното образование. Досега бевме во Р. Бугарија и Р. Грција каде преку споделување искуства развиваме систем за тоа како децата роми да се задржат во училиштата, истакна Драганчо Ѓеоргиев, претседател на невладината организација „Авена“ од Кочани.

Главна цел на проектот е да се направи софтверска апликација која ќе им биде од помош на училиштата за справување со раното напуштање на децата роми како и изработка на прирачник за воспоставување на системот во училиштата.

-Втората обука која се оддржа во рамки на проектот беше наменета за наставници кои работат со помлади ученици. Обуката беше наменета за развивање на образовен и педагошки пристап за младите ученици и нивните родители за подобро справување со проблеми како расизам, булинг и сегрегација, истакна Сања Михаилова, координатор на проектот.

Идејата е воспоставување на сопствен образовен и педагошки пристап кон помладите ученици во нивните основни училишта (9 – 10 години) и нивните родители во соочување со предизвиците на дискриминација, сегрегација, булинг и расизам.

Сподели: