Продолжува гасењето на општинската депонија над Бели

По еден ден пауза поради лошите временски услови, КЈП „Водовод“ продолжува со гасењето на општинската депонија над селото Бели која веќе подолг период чади и го загадува воздухот.

Специјализирана фирма за гасење на ваков тип на пожари со механизација на КЈП „Водовод“ и Територијалната противпожарна едниница – Кочани ја третираат депонијата преку аплицирање на вода и морски алги за да се елиминира чадењето и согорувањето на метанот што се создава при распаѓање на органските материи.

– Денеска продолжува третирањето на депонијата која во поголем дел е изгасена, по интензивните напори кои ги вложивме минатите денови. Преостанува да се изгасне уште мал дел од депонијата при што очекуваме во некој од наредните денови депонијата да се санира по што ќе се продолжи со затрупување на истата со земја. Во моментот на терен е механизација на КЈП „Водовод“ и цистерни на ТППЕ – Кочани кои со помош на сепцијализирана фирма продолжуваат со третман на депонијата со аплицирање на морски алги, истакна Иван Иванов, в.д директор на КЈП „Водовод“  – Кочани.

Од КЈП „Водовод“ појаснија дека белиот чад што се создава всушност е реакција од гасењето на депонијата, односно водена пареа која се настанува при третирањето.

Последните неколку денови е намалено чадењето но и понатаму помали облаци чад се издигнуваат над селото Бели, а од таму и над градот Кочани.

Државниот инспектор за животна средина минатата недела на надлежните им даде рок, најдоцна за седум дена да го санираат проблемот. Контролен инспекциски надзор за да се утврди состојбата се очекува в четврток. 

КЈП „Водовод“ претходно поднесе кривична пријава против непознат сторител за предизвикување општа опасност и загадување на животната средина бидејки постојат индиции за намерно потпалување на општинската депонија кај селото Бели.

И. Матеничарски

Фото: A. Аров

Сподели: