ООУ „Малина Попиванова“ ги започна активностите за тестирање наставните материјали изготвени за користење на онлајн платформа во рамки на Еразмус + проектот „Цели за одржлив развој за учениците.
Проектот се реализира во соработка со невладината организација „Еко Логик“ – Скопје и основните училишта „Кирил Христов“ од Стара Загора, Р. Бугарија и „Дубровац“ од Карловац Р. Хрватска.
„Главна цел на проектот е да се развијат материјали за учење кои ќе се користат во онлајн платформа. Целта за наставните материјали е да им помагаат на учениците да ги развијат клучните компетенции за 21 век на критичко размислување, креативност и решавање проблеми додека учат за Целите за одржлив развој на Обединетите нации. Наставните материјали кои беа изработени од страна на наставниците вклучени во проектот се веќе во фаза на тестирање. Дел од училиштата кои ги тестираат наставните материјали се: ООУ „Никола Карев” – Кочани, ООУ „Климент Охридски”- Облешево, ООУ „Васил Главинов”- Велес, ООУ „Петре Поп Арсов” – Богомила, ООУ „Кочо Рацин” – Охрид, ООУ „Стив Наумов” – Скопје, Гази Баба ,ООУ „Тоде Хаџи Тефов” Кавадарци. Првото тестирање на наставните материјали и активности на тема Цел 10 за намалена нееднаквост се заврши во ООУ „Петре Поп Арсов“ – Богомила. Наставните материјали се покажаа како многу интересни и леснo разбирливи за учениците, истакна Сања Михаилова, координатор на проектот.
Поради пандемијата со Ковид – 19 проектните активности се реализираат онлајн. Во соработка со сите вклучени партнери ќе се организираат дополнителни обуки и тренинзи согласно целите на проектите заради споделување на искуства и постигнување на посакуваните резултати.