Промовирана збирката поезија „Патека од ружи“

Во ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани синоќа беше промовирано авторското дело – збирка поезија „Патека од ружи“ на авторката Ружа Стојмилова.

Делото е втора книига на авторката во која се поместени педесетина песни со најразлични мотиви од секојдневното живеење на авторот.

– Ова е моја втора книга. Инспирацијата ја црпев од секојдневниот живот, а темата е различна  – има автобиографски теми, тема посветена на годишните времиња, на празници, на настани. Иако мојата животна патека не беше послана со ружи, јас со мојата позитивна мисла успеав да си ја направам да биде послана со ружи, а и името ми се совпаѓа со насловот на книгата. И првата книга е насловена „Боцки“, значи се е поврзано со ружите. Песните се посветени на прерано починатиот мој сопруг, а пораката која сакам да ја пренесам на читателите е со што и да се соочат во животот никогаш да не се откажуваат, истакна авторката Ружа Стојмилова.

Модератор на промоцијата беше  Љубинка Ајтовска, а промотори Иван Котев и Ленче Стоименова. Стихови извадоци од книгата читаше Ивона Тодорова победничката на ораторската вечер што се одржа во Штип.

Издавањето на книгата финансиски е поддржано од Општина Кочани.

И. Матеничарски

Сподели: