Во кругот на поранешното претпријатие „АТОМ“, во присуство на голем број на роднини, пријатели и соработници на поранешниот пратеник во македонското собрание и градоначалник на Кочани, Тодосија Паунов, беше промовирана монографија во негова чест, „Тодосија Паунов од Речани до македонскиот парламент“, на авторите Славица Цветкова и Јане Атанасов.
Во монографијата е прикажан животниот и професионален пат на Паунов, неговите достигнувања и успеси кои и по долги години од неговата смрт се останати во сеќавањата на кочанчани.
-Поводот да се направи книгата е ликот и делото на човекот кој остави трајни траги во кочанското живеење и кој со делата си обезбеди место во вечноста. Тодосија Паунов, како стопанственик, градоначалник и пратеник во македонскиот парламент придонесе многу за развојот на Кочани. Идејата за изработката на монографијата е на колегата Јане Атанасов и преку теренски истражувања, односно интевјуа, преку пребарување по архивските фондови и публикации го склопивме делото, монографијата „Тодосија Паунов од Речани до македонскиот парламент“, чија промоција е денес, истакна Славица Цветкова, авторка на монографијата.
Монографијата за Тодосија Паунов е работена три години, притоа преку истражувања и обемна фактографска обработка на настани, записи и фотографии е публикувана во дело кое ќе остане како траен потсетник за животниот пат и дело на Паунов за идните генерации.
-Во текот на изработката на монографијата имавме контакти со многу луѓе кои во различни периоди соработувале со Паунов. Тоа беа негови блиски соработници, родинини, познаници кои имаа многу да кажат за Тодосија, а ние како автори сите тие податоци ги собиравме и публициравме. Личност од калибарот на Тодосија Паунив заслужува споменик во Кочани, а ние заедно со Славица направивме споменик за Паунов во вид на книга, истакна Јане Атанасов, еден од авторите на монографијата.
Графичкиот дизајн на монографијата е изработен од внукот на Паунов, Теодосија, а монографијата е во издаваштво на печатницата Европа 92.
И. Матеничарски