Синоќа, во просториите на библиотеката „Искра“, беше промовирана стихозбирката „Некогаш некаде“од Јане Атанасов.
Промотор на книгата беше м-р Љупка Стојменова, а делови од своите рецензии прочитаа Славица Цветкова и Иван Котев. Во оваа книга се застапени 50 песни, на разни тематики, создавани во изминатите 50-тина години.
Како што нагласи промоторката Стојменова, во истата има песни за сечиј вкус но и неколку кои не се препорачливи за читатели од намлада возраст, поради „малку послободниот јазик на кој се напишани“.
Иван Котев, во својата рецензија насловена како „Скалила на животот„, на едно место ќе каже: „ Скалила на животот; скалила на списоците: скалила во третманот како човек…Секаде градации до деградација. Револтиран, поетот ќе крикне против состојбите на работниците на работните места; за тешките услови за работа; за шефовите кои со разни аршини ги мерат работниците; за третманот во партијата, па и дома…Никаде дерман, никаде спокојство и мир, никаде валоризација за вложениот труд …“. А пак другиот рецензент, Славица Цветкова, својата рецензија ја завршува со зборовите: „ Како заклучок на моите согледувања за новиот поетски ракопис на роднокрајниот писател Јане Атанасов ќе кажам дека тој подеднакво добро умее со афоризмот и песната и затоа стихозбирката „Некогаш некаде“ најтопло ја препорачувам за печатење.“
Многубројната публика со внимание ги следеше излагањата на промоторката и рецензентите и уживаше во стиховите од книгата, во интерпретација на младата Голубинка Ѓорѓиева.