Во ЈУ Библиотека „Искра“ – Кочани денеска беше промовирано делото „Благој Симеонов – Кравче“ од роднокрајниот авторот, пензионираниот новинар Киро Герасимов.
Книгата претставува биографски напис за животот и делото на Симеонов Кравче, од неговата најрана возраст, професионалниот пат и последните години од неговиот живот.
Делото го промовираше м-р Љупка Стојменова во присуство на членовите на потесната фамилија на Симеонов Кравче.

– Својот книжевен опус Киро Герасимов го збогатува со уште едно дело посветено на истакнатиот кочанчанец Благој Симеонов Кравче. Преку делото Герасимов го следи животниот пат на Симеонов Кравче, следејки ја и неговата генеологија, почнувајки од најраните години, па потоа добивањето на прекарите, имињата, членовите од неговото семејство кои одиграле улога во општествениот развој на Кочани. Неслучајно е одбран Благој Симеонов Кравче бидејки тој уште од најраните години се труди да се вклучи во тој општествен развој на Кочани. Се јавува како еден од иницијаторите за оформување на Здружението на возачи и автомеханичари во Кочани, оформувач на фолклорна група и оркестар од народни инструменти при индустрискиот комбинат „Борис Кидрич“ од Кочани. Претставен е и како вљубеник во фотографијата, а го среќавање и како новинар, за на крајот да го претстави и неговото учество во црковниот одбор при светиот храм „Св. Георгиј“ во Кочани, истакна промоторот Стојменова.
Делото на Герасимов изобилува со биографски информации за животот на Симеонов Кравче. Идејата за книгата е по иницијатива на неговата внука Благица која преку книга иницира делото на Кравче да остане како траен запис за идните генерации. Во книгата меѓудругото се сместени голем број на фотографии од семејната архива на Симеонови.
Делото е достапно за читателската публика на полиците во ЈУ Библиотека „Искра“ – Кочани.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов

