Во организација на ЈУ Библиотека „Искра“ во Мултикултурниот центар во Кочани вечерва се одржа промоција на делото „Културно-историските традиции во село Бели, Кочанско“, на авторот м-р Коце Стојменов.
Книгата е магистерски труд на Стојменов составено од 11 глави во кои се опишани културните и историските традиции во селото Бели, историски белешки, објекти, празници и обичаи, народните носии, преданија и легенди.
-Книгата е втор труд пишуван за селото Бели во кој се разработени културните збиднувања, односно етнолошко-фолклорните елементи. Во книгата се сместени податоци за настанокот, местоположбата, историски факти, обичаи и верувања, се што мислев дека во тој период е интересно. Книгата се продава по цена од 300 денари. Средствата што ќе бидат собрани ќе се наменат како помош во изградбата на црквата „Св.Спас“ во село Бели, село од кое потекнувам и јас, истакна Коце Стојменов, автор на делото.
Книгата е магистерски труд на Стојменов одбранет на Институтот за македонска литература во Скопје, под менторство на проф. д-р Марко Китевски, а издавањето е помогнато од Министерството за култура на Р. Македонија.
Модератор на настанот беше Кристина Ѓорѓиевска – Атанасова, а делото го промовираше новинарот Киро Герасимов.
Промоцијата на книгата „Културно-историските традиции во село Бели, Кочанско“ е во рамки на годинашнава летна културна програма на општина Кочани.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов