Во знак на сеќавање на фудбалерот Никола Мантов, по повод големиот јубилеј 100 години фудбалско Кочани и 80 години слободно Кочани во големата сала на Мултикултурниот центар, вечерва беше промовирано делото „Мантов мечтаеше за фудбалот“,, од авторите Ацо Стојановски – Шинел и Љубинка Ајтовска.
Книжевното дело претставува своевидена монографија за младиот фудбалер Никола Мантов, чие име денес го носи кочанскиот стадион.
– Педесетгодишнината од смртта на Мантов претходи на големиот јубилеј – 100 години фудбалско Кочани. Ова дело е спомен за Мантов, за времето од дваесетиот век кога се гинеше за спортот, за аплаузот и радоста кај гледачите во полните трибини на кочанскиот стадион. Во книгава посветена на Мантов говориме и за кочанскиот стадион, како култно место, неговата градба и трансформации, како и за едно од кочанските маала, Старото игралиште, сместено на прекрасна локација покрај Кочанска Река, на влезот во градот. Силната врска на ова маало со спортот ја илустрираме со списокот на спортските имиња. Обработувајки ја темата за момчето, младиот фудбалер Мантов, во книгава ги споменуваме и трајно ги зачувуваме од заборавот семејствата од Старото игралшите и социјалниот живот на оваа микрозаедница во Кочани: игрите, дружбите и меѓусебното почитување, но и прекарите што стојат покрај многу имиња на кочанци. Целта на делото што го работевме со Стојановски е да се зачуваат повеќе специфики на кочанското живеење, што претставува мал исечок од животот во Кочани на крајот на шеесетите и почетокот на седумдесетите години, истакна Љубинка Ајтовска, коавтор на делото.
Мантов починал на 1 јули 1973 година на фудбалскиот терен во Кочани, на натпреварот меѓу ФК „Осогово“ и „ФАС 11 Октомври“ – Скопје.
Делото содржи десет тематски целини посветени на Мантов, но и податоци и фотографии од последниот натпревар на „Осогово“ со „Пелистер“, одигран пролетва на Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани, натпревар со кој се одбележа еден век фудбал во Кочани.
Промоцијата беше искористена да се врачат и благодарници на поранешни фудбалери, тренери и членови на управат на ГФК „Осогово“.
Рецензент на делото е Валентин Бобришев, спортски работник и тренер на „Осогово“ од времето на Мантов. Модератор на промоцијата беше Магдалена Кочовска-Салтирова. Уметничкито дел на настанот беше доверен на хорот ученици од ООМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани.
Делото е во издаваштво на „Европа 92“.
И. Матеничарски